На 07.10.2022 година (петок) во 12 ч.во просториите на НУ Музеј Куманово ќе биде поставена изложбата „ЧЕНТО – БИОГРАФИЈА НИЗ ФОТОГРАФИЈА“ од авторот Рубинчо Белчески, историчар – кустос советник во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп,
Изложбата се организира по повод 120 години од раѓањето и 65 години од смртта на Претседателот на Президиумот на Првото заседание на АСНОМ, борец, деец и поборник за самостојност на Македонија, Методија Андонов – Ченто, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп.
Изложбата „ЧЕНТО – БИОГРАФИЈА НИЗ ФОТОГРАФИЈА“ вклучува 200 хронолошки подредени фотографии каде е застапен ликот на Ченто,членови на неговото семејство, негови соработници и има за цел да го следи неговиот бурен живот исполнет со голем број активности, но и фотографии кои ,,зборуваат” за ,,животот на ЧЕНТО и после смртта”. Изложбата е овековечена и преку фотомонографијата со истоимен наслов збогатена со хронологија на настани и голем број активности на Ченто.
Престојната изложба е во знак на празникот 11 Октомври- Денот на македонското востание.
Национална установа Музеј Куманово ги поканува граѓаните да ја посетат изложбата која ќе биде поставена од 07.10.2022 до 19.10.2022 година.