Home Уметничка Галерија
3
0

Ликовната колонија „Куманово“ е една од поетаблираните колонии во Р. С.Македонија, со долгогодишно искуство и традиција, па токму 50-те години постоење (1974-2024) е доволен повод за ваква голема изложба со ретроспективен карактер, на која во Салонот на Уметничката галерија, симболично, во знак на јубилејот,  беа изложени токму 50 ликовни дела.

На Ликовната колонија „ Куманово“ во изминиве години учествуво зеле голем број на автори, ликовни творци (сликари, вајари, графичари и др.), од различни генерации (некои и по неколку пати), како од Републиката, така и од повеќе земји од светот и регионот со академска наобразба: Велика Британија, Шведска, Холандија, Франција, Јапонија, Турција, Романија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Албанија, Црна Гора и тн.

Пред пет децении, во 1974 година формирана е меѓуопштинска ликовната колонија „Прохор Пчински“, помеѓу два збратимени градови во тогашната СФРЈ, Врање (Србија) и Куманово (Македонија). Оснивачи се тогашната Културно-просветната заедница од Куманово  и Работничкиот универзитет од Врање. Првата сесија била одржана во конаците на манастирот Св. Прохор Пчински, во близината на селото Кленике. На првата колонија која се одржала во периодот од 2-12 август 1974 година, зеле учество десет уметници, пет од Куманово и пет од Врање. Од Куманово тоа биле Тане Атанасовски Гарски (1938-2006), Владимир Величковски Кумановски (1936-2015), Иван Оцепек (1938-1989), Трајко Тошевски (1950), Зоран Јакимовски (1953), а од Врање: Предраг Савиќ Драгче (1939-2017), Миодраг Станковиќ Даги (1943), Станимир Костадиновиќ (1946), Властимир Стојановиќ Дубнички (1949) и Јовица Дејановиќ (1957). Ликовната колонија „Прохор Пчински“ ќе трае од 1974 – 1990. Во Куманово колонијата реорганизирана продолжува да работи после две години, (поради  политичките прилики во 1991 и 1992 таа нема да се оддржи), во 1993 година под новото име „Куманово“. Од тогаш до денеска, иако повеќе пати ќе го менува местото на одржување, таа сепак опстојува и е единствена колонија во нашата земја во која соработуваат државната и локалната власт. Таа е континуирано, финансиски поддржана како од Министерството за култура и туризам, така и од Општина Куманово.

Изложбата има ретроспективен карактер и има за цел да направи еден пресек и да ги презентира најзначајните ликовни автори од македонско и странско потекло, како и да презентира што поголем број на ликовни автори кои зеле учество и оставиле значајни дела. Особено се издвојуваат делата на странските реномирани уметници кои ќе бидат презентирани на оваа изложба: Денис Бовен и Паоло Чампини. Од богата колекција која ја надминува бројката од 700 слики и скулптури, се издвојуваат делата на познати и признати македонски автори кои зеле учество на колонијата: Борко Лазески, Ванчо Ѓорѓиевски, Ана Темкова, Нове Франговски, Рубенс Корубин, Момчило Петровски-Моцо, Васил Василев, Ибрахим Беди, Димитар Малиданов, Реџаи Исени, Димитар Манев, Веле Ташевски, Кирил Геговски, Доне Милјановски, Решат Амети, Вана Урошевиќ, Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, Никола Иванов-Балтон, Исмет Рамиќевиќ и многу други.

На изложбата беа презентирани ликовни дела од Фондот на НУ Музеј-Куманово, еден вид ретроспектива на педесетгодишното постоење на колонијата, од најзначајните македонски и странски автори, кои зеле учество, како и од првите кумановски учесници со кои започнува колонијата во 1974 година: Тане Атанасовски Гарски, Трајко Тошевски, Зоран Јакимовски, Иван Оцепек и Владимир Величковски.

Изложбата е дел од програмските активности, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.