НУ Музеј Куманово ги заврши археолошките ископувања на локалитетот Градиште, с. Младо Нагоричане. Беше работено на секторот Акропола, кадешто се истражува резиденцијалниот објект од 4-3 век пр. н. е. Оваа година, целосно е истражен перистилот (отворениот двор) на градбата, а се истражуваше и правецот на протегањето на каналот за вода, кој, за жал, не е сочуван до крај, па затоа, постоењето на цистерна, односно резервоар за вода, останувa прашање кое треба да се одговори следните години.
Резултатите од истражувањата, преку артефактите од затворените контексти кои ги откривме, ги потврдуваат нашите сознанија дека резиденцијата покажува мошне блиски аналогии со богатите македонски куќи истражувани во Пела и останатите градови од Античка Македонија, како преку архитектурата, така и преку импортираната керамика. Градбата била уништена во немирните времиња на дарданско-македонските конфликти во 3 век. пр. н. е, истовремено со замирањето на пајонското кралство (до 230та год. пр. н. е.).
Горди сме што можеме да соопштиме дека оваа година имаме две големи откритија. Како прво, под постоечките ѕидови на објектот, откривме остатоци од постари ѕидови врз кои се поставени поновите, што значи дека резиденцијалниот објект имал подолга традиција на користење. Со други зборови, постои веројатност да има остатоци од постар објект од ваков тип на истото место.
Второ, оваа година го откривме најстариот сочуван автохтон пишан натпис на териториите северно од Астибо (Брегалница). Станува збор за графит врежан на дно на сад од локално производство, кој припаѓа на групата натписи од т. н. “апоретски” тип – натписи поставени на скришни места, со еротска и вулгарна содржина.
Ова е исклучително важен наод, затоа што зборува за користење на писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од македонското кралство.
За оваа година е предвидено и дигитализација на дел од наодите од локалитетот, со што ќе го доближиме неговото значење до поголема публика, а за следната година планираме да продолжиме со откривањето на уште неколку градби кои ги забележавме преку LIDAR снимките, како и преку GPR геофизички снимања.
Истражувањата целосно беа финансирани од Министерството за култура и туризам, а раководени од археологот Дејан Ѓорѓиевски.