Home Едукација Споменици на култура во Кумановски регион

Споменици на култура во Кумановски регион

14
0
  • НУ Музеј Куманово

Open in Google Maps

Национална Установа Музеј Куманово датира од 1979 година под името Народен Музеј Куманово. Музејската зграда била вила на познатиот индустријалец Живко Стојиљковиќ, изградена во 1926 година со типичен белег на стара градска архитектура. Се наоѓа во центарот на градот. Во 2004 година е пререгистриран како Национална Установа Музеј Куманово.

Постојаната поставка располага со околу 7000 експонати од збирките кои се резултат од теренски истражувања и научна обработка. (археологија, историја и етнологија)

За својата истражувачка изложбена, издавачка и културно-просветна дејност, музејот е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои два пати на Ноемврската награда, 1972 г. и 1986 г.

 

  • Уметничка галерија Куманово

Open in Google Maps

Уметничката галерија е сместена во комплексот на старата општинска зграда, објект изграден во триесеттите години на минатиот век, по проект на општинскиот архитект Владимир Антонов. Отворена е на 16 јуни 1967 год. со првата ликовна изложба „Југословенски и странски уметници“, а во текот на 2006 година повторно е реновирана. Објектот располага со 5 изложбени сали, депо и работна просторија.Наменета е за времени изложбени поставки, како од ликовната уметност, така и од археологија, историја, етнологија и историја на уметноста. Во неа работи Одделот за ликовна уметност, кој е во склоп на Н.У. Музеј – Куманово.

  • Куќа-музеј на Христијан Тодоровски Карпош

Open in Google Maps

Спомен куќа на командантот на кумановскиот баталјон „Јордан Николов-Орце,” Христијан Тодоровски-Карпош, убиен од страна на бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 година за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во с. Билјача-Прешевско. Денес има улога на музеј посветен на овој борец и поради тоа е прогласена за културно наследство на Македонија,а е во склоп на НУ Музеј Куманово.

  • АСНОМ

Open in Google Maps

Новиот Меморијален музеј е изработен според проектот на дипл. инж. архитект Ѓорѓи Константинов, а монументалниот мозаик на фасадата е дело на нашите современи уметници Рубенс Корубин и Илија Пенушлиски. Поставката е направена амбиетално и автентично, како во времето кога се одржало Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година во манасторот Прохор Пчињски. На ова Заседание присустувале 116 делегати од вардарскиот, егејскиот и пиринскиот дел на Македонија. Покрај нив, учествувале и шефовите на англиската и американската воена мисија, акредитирани при ГШ на НОВ и ПОМ. Со првото заседание на АСНОМ се одбележува почетокот на постоењето на сегашната Република Македонија како слободна држава во федерација со југословенските народи, а од 1991 година како самостојна држава. Меморијалниот музеј во Пелинце беше отворен на 2 август 2004 година по повод 60-годишнината од неговото одржување.

 

  • Занаетчиски дом Куманово 

Open in Google Maps

Најрепрезентативен културен, архитектонски и историски објект во градот познат уште како “Кумановски Нотр Дам”

Дело е на рускиот инжинер Владимир Антонов, изграден во периодот помеѓу двете светски војни, кога Куманово бил претежно занаетчиски град. Домот требало да послужи за културно издигање на занаетчиската младина. Објектот има и посебно симболичко значење затоа што неговата изградба е поврзана со самите почетоци на планскиот урбанистички развој на градот, како и економскиот раст на почетокот на 20-иот век. Пуштен е во употрена на 21 ноември, 1930 година.

 

  • Соколански дом Куманово

Open in Google Maps

Соколански дом Куманово е играден во 1931 година од страна на архитектот Момир Коруновиќ,а градена била со средства од доброволни прилози од населението и од тогашната кумановска еснафска јавност. Градбата во своите почетоци содржела затворена спортска сала, најголема во градот од овој вид во време на изведбата, сала за вежбање во зимските периоди, тераса, канцеларии како и попратни содржини. Зградата била изградена во српскиот-источноримски стил. Салата на Соколанскиот дом во минатото била користена како домашен терен на КК Куманово.

 

  • Национална установа – Центар за култура „Трајко Прокопиев“

Open in Google Maps

Установата го носи името на македонскиот композитор на класична музика, диригент и автор на филмска музика Трајко Прокопиев. Во рамките на зградата на Центарот се наоѓа детскиот одел на библиотеката „Тане Георгиевски“. Изградена била во периодот 1980-1981 година, а идејното решение го изготвил архитектот Благоја Колев, додека основниот проект го изработиле Владо Трендафиловски, Љупчо Гогов, Божидар Ночев. Установата била основана во 1981 година под името Дом на култура „Јосип Броз Тито” – Куманово. Во 1999 година Домот на култура бил преименуван во Центар за култура „Трајко Прокопиев” – Куманово. Во состав на центарот за култура работи и Народен театар Куманово.

  • Хотел Солун

Open in Google Maps

Поранешниот „Хотел Солун“, еден од најрепрезентативните објекти по кои е познато наше Куманово, изграден уште во првата деценија на 20 век и е симбол за старата градска архитектура на Куманово,сместен на познатиот Нагорички сокак. За негова иградба се спомнува сопственик на угостителски објект со потекло од Тетово, Премче Пандуловиќ и неговиот брат Трифун и уште двајца богати луѓе кои претходно биле на печалба во Америка.По создавањето на кралството на Југославија во 1918 година, хотелот го променил своето име во “Хотел Србија” Дел од зградата на овој објект по национализација го добива здружението на воени ветерани со сојузот на резервни воедни старешини. Во хотел Солун била извршена првата кинопроекција во Куманово.

  • Нагорички сокак

Open in Google Maps

Според податоците на Јован Хаџи Васиљевиќ, кон крајот на XIX век Куманово било поделено на 12 маала населени со христијанско и муслиманско население, а маалата ги добивале своите имиња според населението и нивното потекло. На Нагоричкиот сокак, денес улицата „Иво Лола Рибар“ . Улицата била средиште на различни градски збиднувања со куќи на познати кумановски семејства, работилници, анови, кафеани, меѓу кои и најпознатиот хотел „Србија“, кој пред тоа се викал хотел „Солун“,изграден во турскиот период, некаде во првата деценија на XX век.

Денешната улица „Иво Лола Рибар“, меѓу кумановците позната како Нагорички сокак во минатото носела друг назив. Па така на една стара слика од 1917 година е запишана како улица на „Царицата Елеонора“. Царицата Елеонора била бугарска царица од 1908 до 1917 година. Полно име и било Елеонора фон Ројс-Костриц, а била втора сопруга на Фердинанд I. Починала во 1917 година, а била родена во 1860 година во тогашна Прусија, на територија на денешна Полска.

Подоцна, во периодот меѓу двете светски војни, улицата се нарекувала „улица Краљице Марије“, по сопругата на кралот Александар I Караѓорѓевиќ. Во повоениот период, улицата го носи денешниот назив „Иво Лола Рибар“.

 

  • Тумба и 3 бандере

Open in Google Maps

Во втората половина на 20.век на самиот плоштад во центарот на градот беа поставени 4те бандери, кога градот ја добива својата електрична струја и се осветлуваат неговите главни  улици и плоштади , како и  приватни домови на семејства, се разбира   кои можеле тоа да си го дозволат.Инаку до тогаш градските улици се осветлувале со петролеј, односно фенери кои биле постевни на дрвени столбови долж поважните градски улици.

А на тумбата или широкиот простор многу често биле распнати циркуските шатри, се организирале атлетски трки, разни дефилеа  и други спортски манифестации како забава за мештаните.

 

  • Споменици од НОБ

Open in Google Maps

Комплекс од споменици кои се наоѓаат на плоштадот “Маршал Тито”. Скулптурата е дел од споменикот на Револуцијата во Куманово, кој се наоѓа во средиштето на градот. Зафаќа цел комплекс на површина на која се поставени три релјефни композиции, изработени од истарски травертин со тематика од три периоди и тоа: Илинденскиот, Народноослободителната војна и социјалистичката изградба. На посебен постамент е поставена скулптура со човечки лик на жена (наречен „Македонка“) во цел раст во натприродна големина изработена од базалтен камен. Датираат од 1962 година, а проектант е Коста Ангели Радовани.

  • Спомен костурница

Open in Google Maps

Спомен костурница изградена во 1957 година по повод 11 Октомври, денот на востанието на македонскиот народ. Дело е на архитектот Зордумис и вајарот Сретен Стојановиќ. Се состои од обелиск и костурници во кои се сместени посмртните останки на загинатите во Народноослободителната војна од Куманово и Кумановско.

  • Менкова колиба

Open in Google Maps

Издигнат е споменик на местото каде што е формиран Карадачкиот партизански одред на 12 октомври 1941 г, кој бил разбиен по два дена од бугарскиот окупатор. По донесувањето на одлуката за отпочнување на вооружено востание од страна на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија, ноќта на 12 октомври 1941, борците на одредот се собрале на зборното место „Менкова колиба“, четири километри јужно од Куманово. Одредот бил составен од 15 борци, од кои 12 Македонци, двајца Албанци и еден Хрват.Речиси сите биле членови на КПЈ и СКОЈ. За командант на одредот бил назначен Боро Менков, а за политички комесар Перо Георгиевски – Чичо. Споменикот е откриен најверојатно 1981 година.

  • Џамија Татар Синан Бег

Open in Google Maps

Татар Синан Бег џамија е една од најстарите исламски историски споменици во Куманово, изградена во 1532 година од страна на Татар Синан бег. Џамијата претставува еднокуполна градба со трем на северната страна, што претставува основна архитектонска одлика на раноосманлиската џамија и еден од најмногубројните типови на џамии во 16 век на Балканот. Целата џамија (исклучувајќи ги нејзините подоцнежни доградби) е градена од добро обработени камени квадри од жолто-кафен камен од реонот на Жеглигово, и на начин ретко применуван при градењето на овој вид објекти во Македонија.

  • Џамија Коџа Мехмед Бег

 

Open in Google Maps

Џамијата се наоѓа во непосредна близина на селото Табановце.Според Исламската верска заедница, овој објект датира од 1380 ,а завршен 1596 година,додека според стилските особености и начинот на градење, овој објект бил изграден во т.н. класичен период на османското градежништво од крајот на XVI и почетокот на XVII век.Ктитор на џамијата би можело да биде и синот на Коџа, Мехмед-бег, на што наведува и името на џамијата, со што годината на изградба би се поместила до самиот почеток на XVII век. Џамијата претставува еднокуполна градба со квадратна основа и трем од северозападната страна.Џамијата е прогласена за значајно културно наследство на Македонија во 2008 година.

  • Личка куќа

Open in Google Maps

Личката куќа лоцирана покрај регионалниот пат во с.Умин дол, Куманово представува градба која говори за една временска епоха и начин на живот пред повеќе од 100 години, а која е зачувана и како таква пренесена со воз во делови од територијата на Лика (Р.Хрватска) до село Умин дол, Куманово. Архаичен традиционален објект типичен за околината на Лика каде луѓето претежно се занимавале со сточарство и полјоделство, па куќите меѓу кои и куќата во Умин дол се повеќе од практичен карактер, со помалку уркасувања и декорации, а сепак  убави и специфични.

  • Зебрњак


Open in Google Maps

Споменикот Зебрњак е подигнат во чест на жртвите од Првата балканска војна, загинати на ова место во познатата Кумановска битка 1912 г. Изграден е во 1937 г. од сив базалтен камен. Над кружната конструкција висока 18,5 м. се издигала тристрана пирамидална кула висока 30 м. која денес недостасува ( разурната во 1942г.). Архитектонското решение е на белградскиот архитект Момир П. Коруновиќ (1883 – 1969 ), а градежните работи ги извршил Михајло Аранѓеловиќ предприемач од Црна Трава.

  • Испосничка пештера на Св. Прохор Пчински

Open in Google Maps

Испосницата во с. Ст.Нагоричане се наоѓа во непосредна близина до црквата Св.Ѓорѓи во центарот на селото. Изградбата на првобитната црква Св.Ѓорѓи од 11 век е поврзана со легендата за пустиножителот Прохор Пчињски кој живеел во оваа пештера и на византискиот војсководец Роман IV Диоген му прорекол дека ќе стане  цар. Кога тоа се обистинило, Роман IV Диоген во знак на благодарност на тоа место подигнал црква.

 

  • Црква Св. Никола – Куманово

Open in Google Maps

Црквата Св. Никола во Куманово, Соборниот храм ( позната кај кумановци како стара црква) е изградена во 1851 г. во некогашната Варош маала. Главниот мајстор градител бил Андреа Дамјанов ( 1813 – 1878г.) со потекло од с.Папрадиште, Велешко. Црквата претставува монументална безкуполна трокорабна базилика со правоаголна основа и три високи апсиди на исток. Од три страни на црквата се наоѓа отворен трем со колонади од аркади, а над нив во ентериерот на црквата е сместена  Галеријата на икони со околу 80 експонати. Иконите воглавно потекнуваат од 19 век и се соберени од повеќе села од кумановскиот регион. Освен икони на поставката се изложени  и сребрени опкови од евангелија, дарохранителница, престолен крст, владичка митра од сребро како и црковен мобилијар од Карпинскиот манастир.

 

  • Црква Св. Троица – Куманово

Open in Google Maps

Црквата Св.Троица во Куманово ( позната како нова црква) е една од двете градски цркви во градот и е изградена 1903 г. Изградбата била помогната од српскиот владетелски пар Александар и Драга Обреновиќ , а Драга Обреновиќ подарила и дрвен иконостас изработен во Цариград од 1901 г. Била изградена според план на рускиот архитект Владимир Антонов, а ја градел Михајло Ѓорѓевиќ од Дебар. Црквата е изградена во византиски стил, со впишан крст во основата и пет куполи. Фрескоживописот е од 1904г. на зографот Крсто Аврамов Дичиќ од с. Тресонче ,внук на познатиот Дичо Зограф.

 

  • Св. Ѓорѓи – Старо Нагоричане

Open in Google Maps

Црквата Св. Ѓорѓи во с.Ст. Нагоричане била обновена и доградена на постара црква од 11 век, во времето на кралот Стефан II Милутин (1282 -1321г.) во 1313г. што се гледа од камениот натпис над западниот влез. По својата архитектура црквата претставува монументална, трокорабна, петкуполна базилика. Живописот потекнува од 1318 г. кога игумен на манастирот бил Венијамин, а е изработен од најпознатите средновековни зографи Михајло Астрапа и Евтихиј кои оставиле и свои потписи на фреските. Фрескоживописот во црквата Св.Ѓорѓи во с.Ст.Нагоричино се вбројува меѓу најголемите фрескоансамбли создадени на македонско подрачје  и го претставува творечкиот врв во сликарската кариера на Михајло и Евтихиј.

  • Манастир Матејче

Open in Google Maps

Црквата посветена на ,,Успение на Богородица’’ попозната како манастир Матејче била изградена 1348/52 година. Градењето го започнал цар Душан, а по неговата смрт, црквата била довршена и живописана од царицата Јелена и синот Урош. По својата архитектура црквата претставува монументална, петкуполна градба, градена од камени блокови со наизменични редови од тули. Фрескоживописот е од 1350 г. Треба да се истакне дека во 15 век манстирот „Св. Богородица – Матејче бил еден од најважните македонски книжевни центри во северниот дел на Македонија, а од некои автори е нарекуван и Жеглиговски центар. Во манастирот живееле и создавале монахот Герасим, Исаија Доместик и Владимир Граматик.

 

  •  Карпински манастир – с.Сув Орах

Open in Google Maps

Црквата ,,Воведение на Богородица’’ во с.Сув Орах попозната како Карпински манастир датира од 1592 година. Истата година црквата е и живописана, додека вториот слој на живопис е од 1893 година. Сочувани се делови од првобитниот дрвен иконостас, царските двери ,големиот крст, аналогион ,две нафорници, владички престол и седум празнични икони како најстари експонати од 1606 г. изложени во Галеријата на икони во црквата Св. Никола во Куманово. Карпинскиот манастир претставувал важен културен и книжевен центар со богата библиотека чии ракописи подоцна се однесени во други значајни центри: Белград, Софија, Москва и др.

 

  • Св. Ѓорѓи Победоносец – с.Младо Нагоричане

Open in Google Maps

За црквата Св. Ѓорѓи во с. Младо Нагоричане не се знае со точност кога била изградена. Постојат различни мислења од 15, 16 или 17 век. Во основата е трокорабна базилика со впишан крст во основата.На архитектурата се видливи елементи од ерменското и турското влијание. Фрескоживописот и архитектурата ја следат програмата на Св.Ѓорѓи во Ст. Нагоричане. На сводот е понов живопис од 19 век. Иконостасот, репрезентативен и доста висок е од 1892 г.

  • Забелски манастир

Open in Google Maps

Манастирската црква била изградена во 1330 година, а во времето на османлиите била срушена.

Средновековен манастир во северниот дел на Македонија. Местото на коешто е изграден манастирот има облик на гнездо и е сместено на пошумен ред кој се наоѓа на тромеѓето меѓу селата Никуљане, Старо Нагоричане и Челопек, на петнаесетина километри од градот Куманово. Манастирот во минатото имал и значајна стопанска функција, а неговите конаци биле преноќувалиште за многу патници. До средината на 20 век, во него бил развиен и калуѓерскиот живот.

Во склоп на манастирот спаѓаат манастирската црква, конак, кујна со фурна и визба во урнатини, чешма, остатоци од стариот конак и новоизграден помошен објект.

Црква „Успение на Пресвета Богородица- Манастирската црква била изградена во 1856 година, што се гледа од натписот на осмостраниот тамбур, на темелите на старата црква изградена во 1330 година. Во внатрешноста на црквата има дрвен иконостас, карактеристичен за 19 век и изработен во духот на мијачката резба.

  • Кокино

Open in Google Maps

Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу најзначајните стари опсерватории во светот. Се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, лоцирана на археолошкиот локалитет Татиќев камен на околу 35 км оддалеченост од Куманово, а името го добила по најблиското село Кокино. Американската вселенска агенција НАСА во 2005 во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангираше Кокино на четвртото место. Тука ќе ги видите маркерите за карактеристичните изгреви на сонцето и месечината, направени од времето и ерозијата на карпите. Овие маркери им помогнале на праисториските жители да направат календар со циклус од 19 години, што е врвно цивилизациско остварување.

 

  • Костоперска карпа

Open in Google Maps

Костоперска Карпа или Жеглиговски Камен — импозантна базалтна карпа од вулканско потекло во околината на Младо Нагоричане, Кумановско на која постоела населба уште од бакарното време (IV-III милениум п.н.е.).Во минатото тука постоеле околу 40 цркви, од кои денес се останати неколку. Поради тоа месноста била нарекувана Мала Света Гора. Во раноантичкиот период (V-VI) век п.н.е. се развива населба на јужната падина на наоѓалиштето која била напуштена во III век п.н.е., за да повторно заживее во римскиот период. Како доказ се откриените римски гробови, а и малку подоцнежната ранохристијанската базилика на врвот на висорамнинката, веројатно од V век од н.е. Интересен е и подземниот објект во јужното подножје иденфикуван како цистерна составен од две простории и пристапен ходник.

  • Локалитет Визијанус,с.Клечовце

Open in Google Maps

Овој локалитет се наоѓа во с. Клечовце на 20 км источно од градот Куманово. Биле откриени повеќе римски градби и гробови, како и дел од римската градба која што се смета за дел од ранохристијанската базилика. Со подоцнежните истражувања откриена е ранохристијанска базилика долга 35 метри и широка 13 метри, по што претставува една од најголемите цркви во Македонија воопшто. Од спротивната страна на црквата се наоѓаат римски гробови, а непосредно до нив и римски град кој допрва треба да биде откопан и истражен. Од наодите, особено е специфична керамиката која со откопувањата излегува на површина, како и самата и структура на објектот.Археолошкиот локалитет Визианус ги има сите предуслови да стане туристичка дестинација.

  • Локалитет Дрезга,с.Лопате

 

Археолошки локалитет во кумановското село Лопате. Претставува населба од римското време. Се наоѓа на 1 км северозападно од селото, на голем простор од десната страна на патот за селото Матејче. Од наоди може да ги издвоиме повеќе камени споменици (капител, делови од натписи и ара посветена на Митра), 6 гроба со закопани покојници, од типот циста, во чии конструкции биле вградени надгробни стели од IIIV век со латински натписи од приватен карактер. Наодите се чуваат во Археолошки музеј на Македонија и во НУ Музеј Куманово.

  • Градиште,Младо Нагоричино

Open in Google Maps

На повеќеслојното наоѓалиште, на површина од 400 метри квадратни, откриени се голем број столбови и елементи од камена пластика кои, според археолозите, најверојатно припаѓале на луксузна градба, резиденција или палата- слична на античките македонски центри во Пела, Вергина и Олинт, датирана од 3 до 4 век пр.н.е која била пронајдена во претходните истражувања. Поради раскошните наоди, археолозите претпоставуваат дека се работи за палата на локален владетел. Според некои истражувачи, можно е тука да било лоцирано дел од племето Агријани, познати како најлојалните и најборбените воини во македонската војска под водство на Александар III Македонски.

  • Локалитет Градиште,Пелинце

Open in Google Maps

Археолошкиот локалитет Градиште во село Пелинце претставува населба од бронзено време,железно време и раноантички период. Се наоѓа на околу 18км од градот. Со извршените сондажни ископувања во 1989/90 година од страна на НУ Музеј Куманово се пронајдени траги од повеќеслојна населба. Најстариот слој, односно населба, според одликите на керамиката е од ранобронзеното време, а вториот, заедно со насипот е од железното време, и тоа од најраните фази сè до VI век пред н.е. Последниот слој, на кој му припаѓа скромен фонд керамички наоди, е од V – IV век пред н.е, кога практично и завршил животот на оваа населба. Според истражувачите, а врз основа на наодите и нивниот распоред, се смета дека е откриен објект без цврста архитектонска конструкција, со функција на светилиште, во кое по извршувањето на обредите биле оставани групи од керамички садови. Во средишниот дел на објектот има клада од камен и кал поставена врз карпестата подлога, прекриена со остатоци од горење, згура, ситни животински коски и фрагменти од садови. Меѓу зачуваните садови има повеќе облици (бокали, чашки, пехари, чинии и друго), со добра фактура, на кои се забележуваат врежани орнаменти, траги од бела инкрустација, кои ги содржат основните одлики на керамиката од раното бронзено време. Најдени се неколку керамички алатки, тегови, камена секира и една женска статуетка од белутрак. Наодите се наоѓаат на постојаната поставка како и археолошкото депо на НУ Музеј Куманово.

  • Локалитет Градиште -Бислимска Клисура,с. Пчиња

Open in Google Maps

На локалитетот Градиште – Бислим во кумановското село Пчиња откриена е црква, која според првичните показатели е градена во 5 век и опстојувала во раниот среден век. Со ова се потврдени претпоставките дека постои црковна градба, но и дека тврдината во Бислим не била само привремено воено утврдување, туку поголема населба што постоела подолг период. Она што е интересно е дека се откриени фази на градење и доградување на црквата. Според поставеноста на фрагментарно сочуваната фреско декорација, видливи се две фази на градење (доградување) на самата црква, во кои подното ниво се издигнало на скоро 2 метрa во висина. Ова говори за интензивна градителска дејност, но и за подолг временски период на користење на црквата.

Всушност се работи за поголема населба во и надвор од тврдината, која егзистирала подолг временски период

  • Кумановска бања

 

Open in Google Maps

Најпозната минерална вода уште пред неколку векови била Кумановската бања, или како кумановци ја нарекуваат „Вруќа вода“.Таа се наоѓа на два километри југоисточно од Куманово, во селото Проевце. Водата извира од „Провеска карпа“, во непосредна близина на патот Куманово – Шупли Камен, односно под пругата Куманово – Бељаковце.Водата лекува нервни, кожни, стомачни и женски болести и има голема лековита вредност.

  • Бања с. Стрновац

 

Open in Google Maps

Во близина на с. Стрновац, до коритото на реката Пчиња, има термоминерален извор-бунар, од кој излегува топла вода со температура од 40°C. Водата потекнува од длабочина од 300 метри, има голема тврдост и значително количество на железо, сулфур и хидрокарбонат. Водата од бунарот е зафатена и се влева во два базени кои се користат како бања. Поради составот на водата, постои можност за лекување на ревматски, кожни и други болести, рехабилитација, капење, превентивни третмани и др.

 

 

 

Ова е проект финансиран од Министерство за култура и туризам, а поддржан од НУ Музеј Куманово