НУ Музеј Куманово заврши со овогодинешните истражувања на локалитетот Градиште – с. Младо Нагоричане. Се работеше на два сектора, Акропола и Долна тераса, каде што се откриени бројни наоди, претежно фрагменти од хеленистичка и раноантичка керамика, садови, тегови и накит. На Акрополата се откриени делови од каналот за одвод на вода од резиденцијалниот објект (претпоставена владетелска палата).
Особено среќни сме што оваа година успеавме да ги потврдиме нашите претпоставки дека северниот карпест дел од Долната тераса е користен за изведување на ритуали, и со тоа го потврдивме постоењето на светилиште на карпа од раноантичкиот и хеленистичкиот период (6-3 в. пр.н.е.), дистанцирано од евентуални храмови и од останатиот дел од населбата. Изведувани се обреди на полагање на дарови (садови, претежно користени за вино, како и тегови од разбој, а поретко фигурини и златен накит) врз самата карпа, кои потоа биле покривани (затрупани) со камен. Овие вотивни остави веројатно биле поврзани со фертилноста на почвата, но и со хтоничните култови (култови поврзани со мртвите). Како најдобра потврда за светиот карактер на овој дел од локалитетот е наодот на перирантерион – ритуално корито на нога, во кое со миење на рацете, симболично исчистен, се влегувало во светиот простор. Во многу детали ископувањето на локалитетот наликуваше на откритијата на Кокино, кои се скоро 2000 г. постари, и со тоа, можеме да кажеме дека постоел континуитет во верувањата и ритуалите во регионот.
Класичните и хеленистичките светилишта на карпа се ретки и кумановскиот регион со тоа се вбројува во кругот на медитеранските цивилизации кај кои се откриени ваквите свети места.
Ископувањата целосно беа финансирани од Министерството за култура, а беа под раководство на археологот Дејан Ѓорѓиевски.