„Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во кумановско“, проект на НУ Музеј

Sep 26, 2025
„Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во кумановско“, проект на НУ Музеј
  • Во тек е проектот „Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во кумановско“ на археолозите од НУ Музеј Куманово. Годинешниве истражувања веќе се во тек, и се очекува да завршат до 10-ти октомври, годинава.

Сегашната теренска евиденција, како што објаснува археологот Мирослав Петковски е насочена кон места, села и локации, кои гравитираат условно речено во централниот, делумно во западниот како и во југозападниот дел од кумановската област, како Лопате, Љубодраг, Романовце, Доброшане, Шупли Камен...

Проектот „Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во Кумановско“, првично започнаа во 2018 г., како проект под наслов „Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во Кумановско по долината на реката Пчиња и нејзината околина“. Тогаш беа истражувани територии во рамките на Општина Куманово и Општина Старо Нагоричане, но главно врзани за реката Пчиња и некои од нејзините притоки. По одредена пауза, во 2023 г. проектот продолжи во истата насока, со тоа што насловот беше модификуван „Теренска евиденција во функција на заштита на локалитетите во Кумановско“.

Тогаш истражувањето беше префрлено во јужните и југоисточните делови на кумановско, а примат беше даден на т.н. „которски крај“. Во 2024 истражувањата беа насочени кон места врзани за северниот и северозападниот дел на Куманово, но акцент беше ставен пред сè на селата, односно катастарските општини што гравитираат северно и делумно северозападно од градот Куманово, во условно кажано средишниот северен дел од кумановската област, во близина на границата со Р. Србија, изјави директорката на НУ Музеј Куманово, Марија Живачки.

Проектот, како што објаснува Петковски претставува, рекогносцирање што подразбира површинско истражување на теренот, без деструкција, односно без ископување. Тоа опфаќа визуелна перцепција на теренот, препознавање на релјефот, како и површинска опсервација на движен материјал и можност за негово регистрирање со фотоапарат или пак негово собирање, односно инвентарирање. Покрај ова се врши и увид на состојбата на теренот, односно дали теренот бележи некакви оштетувања направени од природата или пак вештачки направени од човекот. По сумирањето, резултатите ќе бидат доставени до  Управата за заштита на културно наследство и Националниот конзерваторски центар – Скопје. 

Gallery