„Чекање“ на Кристина Божурска во Уметничката галерија во Куманово

Apr 28, 2026
„Чекање“ на Кристина Божурска во Уметничката галерија во Куманово

„Чекање“ е насловена изложбата на авторката Кристина Божурска беше отворена во Уметничката галерија во Куманово. На изложбата беа претставени видеа, фотографии, аудио-интервјуа и скулптурални објекти. Делата, како што објаснува Божурска, се резултат на подолг истражувачки процес кој се занимава со прашањата за колективното чекање и неговото значење.

Кураторски текст: Кирила Цветковска

МИСЛОВНА СТАНИЦА

Секојдневни ветувања и постојани реформи во општествениот систем се реалност во која поединецот и колективот чекаат нешто да се случи. Чекајќи на станица каде и дословно и симболично возот или доцни или воопшто не пристигнува.

Чекање за размислување отвора прашања за подрачјето и можноста за заедничко дејствување при процесот на чекање кој најчесто причинува само застој во едно место. Но доколку се промени објектот низ кој набљудуваме, дали периодот на мирување може да се претвори во простор за делување? Можеби. Но само доколку размислуваме додека чекаме.

Кристина Божурска ја испитува оваа идеја преку разновидни дела, како спекулативни цртежи, видеа, аудио интервјуа, скулпторски артефакти, просторна и партиципациска инсталација, тргнувајќи од случајот со никогаш целосно оствареното железничко поврзување помеѓу Македонија и Бугарија (ЕУ). Насочен кон колективната визија за создавање заедничка иднина, делата ги разложуваат веќе постоечките документации и симболи од повеќедеценискиот процес на обиди за комплетна изградба на железничката пруга. Низ разновидни пристапи, од визуелно преосмислување на новинарски формати до различни методи на архивирање, уметницата патува помеѓу физичките железнички станици, личните приказни и историите на чекање, откривајќи истовремено и моменти на заедништво и надеж испишани од сеќавање. Претставувајќи специфични транзитни локации како паралела на општеството во постојана транзиција, Божурска го истражува потенцијалот за откривање на поинакви и повеќе перспективни точки на гледиште.

Прашањата никнуваат и остануваат. Каде е мрежата на поврзување, а границата кршлива? Кога заедничкиот праг станува темел, а мислата преминува во општо дејствување?

Чекање за размислување нуди простор во кој уметноста застанува наспроти стегите на капиталистичкиот систем, предлагајќи нови начини на истражување на минатото за предизвикување на иднината. Дали животот ќе помине во чекање или ќе се случи рака под рака, еден со друг? Додека чекаме може и да застанеме да размислиме. Вчера, денес и утре.

Gallery