Home Кокино Кокино – археолошки содржини на локалитетот

Кокино – археолошки содржини на локалитетот

389
0
Сподели

Како што многу често се случува со големите археолошки откритија, приказната за Кокино започнува случајно, за времетраење на сосема поинакво археолошко ископување, во близина на селото Стрновац.

По добиените сознанија дека на врвот Татиќев Камен, „трагачите по богатство“ повторно останале без посакуваниот плен, и дека, сé што откриле било само фрагменти од груби керамички садови, археолозите од НУ Музеј Куманово за прв пат, во длабоката есен 2001, стапнаа на локалитетот Кокино. Екипата предводена од Јовица Станковски, секако дека нé ретпоставуваше дека со малиот обем на пробните сонди ќе го откријат еден од најзначајните локалитети од македонската праисторија.

По аналогија, уште од самиот почеток, локалитетот се ископуваше по методологија на истражување на населбите од бронзенодопскиот период. Следните кампањи (до 2005 г.) резултираа со голем број на фрагментирани садови, куќен лепеж и алатки, односно со сите елементи кои ги содржи една бронзенодопска куќа. Се откри сé, освен основите на самите куќи. Тоа беше сериозна индикација за археолозите да започнат да размислуваат поинаку, и да отстапат со вообичаената, најлогична интерпретација на наодите и ситуациите.

Со проширување на ископувањата, но и со мултидисциплинарниот пристап во истражувањето, археологот Станковски претпостави дека карпестиот рид над селото Кокино, во својата изворна фаза, претставувал светилиште, односно света планина или свет врв. Светилиштето доста веројатно било со регионален карактер, можеби и култен центар, со извонредна видливост во радиус од околу 30 км. Ова откритие силно одекна во балканските археолошки кругови, пред се, поради фактот што дотогаш, сосема малку се знаеше за верувањата на луѓето од бронзенодопскиот период. Светите планини беа евидентирани, како на Крит, така и во Бугарија, со тоа што последните доста подоцна се користени за таа цел.

Просторот на денешна Република Македонија претставуваше „црна точка“ во тој поглед, и освен парцијално публикуваното светилиште од Пелинце, немаше сигурни аналогии за реконструкција на изве дуваните обреди на Кокино.

Археолошките ситуации, евидентно зборуваат дека на самиот рид над Кокино, особено на северната страна, почнувајќи од помладата фаза на раното бронзено време, се вршело ритуално полагање на даровите, и тоа на три начина. Според Станковски, природните процепи на карпите на врвот од ридот, биле користени за ритуално оставање на дарови, во вид на садови со различна форма, кои потоа биле грижливо покриени со земја, и понекогаш со лепеж. Даровите поретко биле во форма на фигурини, алатки и сл. Вториот начин на полагање на истите дарови е евидентиран на т.н. Северна тераса, каде што, археолозите констатирале голем број на јами со различна големина, во кои што биле оставени даровите.

Третиот начин пак, претставува формирање на цели кружни камени конструкции во вид на мали тумули, во кои што ретко се наоѓани цели предмети in situ (слична е и ситуацијата со останатите јами и процепи), но, скоро секогаш покрај себе имаат фрагментиран сад, прешлен, плочка или камена алатка. Стрмниот терен претходно бил нивелиран со поставување на помали ѕидови, а целата тераса била оградена со два паралелни ѕида, слични на одбрамбениот бедем од Градина кај Свињиште. Ваквото користење на природните пукнатини и формирањето на јами претходно е забележано на светилиштата на Крит, како и на светилиштето во Пелинце.

Примерот со Пелинце и Кокино е толкуван како дарување на Големата Богинка – Мајка и нејзиниот син – Сонцето, а е доведен во врска со култот на плодноста. Меѓутоа, хтоничниот карактер на јамите, доста често поврзан со култот кон мртвите, досега е неправедно запоставен. Самиот обред на копање на јами, како влез во подземниот свет, либацијата (полагање на течна жртва) која е in situ констатирана на Кокино, зборува за доста можна корелација со хтонските сили, а со тоа и со симболичното жртвување (најчесто преку либација), за дарување на боговите на подземјето. Всушност, за древните народи и Сонцето претставувало бог кој секојдневно излегувал и влегувал од и во утробата на Земјата. Формата на ритуалните јами, особено оние во вид на кружни камени конструкции, во голема мера потсетуваат на гробните конструкции од бронзеното време (особено со ново откриената некропола со кремација во Ранутовац), и можеби имале улога на своевидни кенотафи, покрај кои биле оставани дарови.

Ситуацијата со употребата на локалитетот е доста поразлична во доцното бронзено време, кога се јавуваат поголеми количества остатоци од куќен лепеж. Иако и тие може да се доведат во обреден контекст, отворено е и прашањето за постоење на некаков вид на градби, засега во нејасна корелација со регистрираните култови. Веќе во железното време, на спротивната, Јужна тераса е евидентирана населба, и со тоа долго време се претпоставуваше дека е запоставен сакралниот карактер на локалитетот, односно дека се работи за неавтохтоно население кое ја „заборавило“ светоста на ридот. Сепак, континуитетот на материјалната култура од бронзенодопскиот и железнодопскиот период е евидентен, особено преку керамичките форми.

Овој факт, во комбинација со новооткриените железнодопски наоди од сакралната, Северна тераса, го исклучува острото разграничување на сакралниот и профаниот аспект на користење на Татиќев Камен во железното време, и иницира поголеми истражувања на археолошките содржини од Јужната тераса. Во комбинација со астрономскиот аспект, кој е елабориран и признаен во повеќе наврати, археолошкиот аспект на Кокино, уникатен по својата форма, го прави локалитетот ексклузивен, како за науката, така и за туризмот. Поради тоа, Кокино е еден од најважните и најпосетуваните локалитети, кој преку своето милениумско постоење ја оправдува нашата грижа за него.

ТУКА можете да го преземете комплетниот Каталог.