Home Кокино Кокино – анализа на наодите

Кокино – анализа на наодите

121
0
Сподели

Локалитетот Татиќев Камен во Кокино бил во употреба повеќе од 1500 години. Поради долгата употреба, стрмните падини од северната страна, на кои што напластените слоеви земја ретко кога достигнуваат поголема дебелина од 1,5 м, се покажаа како исклучително неповолни во определувањето на хоризонталната или вертикалната стратиграфија на локалитетот.

Сепак, неколку археолошки ситуации, како и аналогниот материјал од блиските култури, ни овозможуваат да добиеме поконкретна слика за периодот на употреба на ридот. Постојат индиции дека најстарите слоеви на локалитетот можеме да ги датираме во првиот (постариот) хоризонт од раното бронзено време.

Иако отсуствуваат карактеристичните за овој период „Т“ венци на устието, неколку наоди (амфороидниот сад со ребра, чаша со мал изливник, карактеристичниот фрагмент со врежани соларни симболи и криви, брановидни линии, заедно со уште неколку фрагменти од полутопчести здели со правоаголни додатоци на устието, под кое се украсени со бела инкрустација) можеда се датираат кон самиот крај на постарата фаза од раното бронзено време, односно во културниот хоризонт на Бубањ –Хум II – Пелинце I, што, според апсолутните датуми би одговарало на третата четвртина од третиот милениум пр. н.е. Културните влијанија се соодветни на географската положба на локалитетите од кумановската област, како вечна контактна зона помеѓу северот и југот.

Така, иако се евидентни влијанијата од ранобронзенодопските култури од северниот и североисточниот дел на Балканскиот Полуостров, бројни аналогии можеме да констатираме и со медитеранскиот културен круг (наоди од слојот I-II во Троја, 25-23 b на Кастанас, VIII-IV на Езеро и сл.). Помладиот хоризонт од раното бронзено време на Кокино е застапен преку повеќе наоди, а како најбројни се јавуваат секако крушковидните пехари со држалки кои се под или сосема незабележително над устието на садот (т.н. тип „Арменохори“). Карактеристично за Кокино, ваквиот тип на пехари често е украсен со вертикални ребра или пак кружен, пластичен додаток на стомакот.

Присутни се и чашите со мали изливници и јазичести или двојно јазичести додатоци на устието, кои ги наоѓаме и кај полутопчестите чинии, како и чинии со блага „Ѕ“ профилација со полумесечести псеудодржалки. Хронолошки, овие наоди од Кокино одговараат на културниот хоризонт Бубањ-Хум III-Перник – Пелинце II-III, или на последната четвртина од третиот милениум пр.н.е., со тоа што некои од формите се повторуваат се до XVIII в.пр.н.е. Типолошки гледано, забележително е единство во материјалната култура на широкиот простор кој денес ги опфаќа југоисточниот дел на Србија, североисточна Македонија и западна Бугарија, а слични манифестации кон крајот на периодот се јавуваат и во северните делови на Егејот, што можеби зборува за миграции кон источниот и јужниот дел на Балканот.

Средното бронзено време (XX/XVIII – XV/XIV в.пр.н.е.) на Кокино не е дефинирано стратиграфски, но преку неколку индикативни наоди може да заклучиме дека локалитетот бил во употреба. Како еден од поексклузивните наоди е т.н. „лампа“ која во поновата литература е идентификувана како симболична претстава на печка, најверојатно користена како транспортен сад за вжештени материјали. Неколку садови, украсени со врежани исправени триаголници, исто така можат хронолошки да се сместат во овој период.

Материјалот од доцното бронзено време (1400 – 1200 г.пр.н.е.), иако најмногуброен, сепак не е најден во затворени целини. Керамичките форми варираат, па така, многубројни се чашите со една држалка која го надвишува венецот на устието, зделите со „Ѕ“ профилација, големи садови – урни и сл. Повторно се забележливи влијанијата од северот и југот (од северот се присутни влијанија дури од Параќинската култура, додека од југот најзабележителни се карактеристиките на материјалната култура од средното и долното Повардарје), но, очигледно е дека веќе кон крајот од овој период (можеби уште од вториот, а сигурно во третиот хоризонт) , кумановскиот регион, а со тоа и Кокино, целосно е вклучен во т.н. Брњичка култура.

Железното време (VIII/VII век пр.н.е.) е застапено на Јужната тераса, додека сосем мал број на наоди од овој период потекнуваат од северниот дел од врвот. Во овој период, констатирани се живеалишта, а материјалната култура е типична за т.н. Пчињска културна група. Овие векови, всушност го означуваат и крајот на употребата на „светиот рид“ над селото Кокино. Се разбира дека прегледот на материјалната култура која е пронајдена на Кокино, не би бил комплетен без да ги вклучиме и останатите наоди кои не припаѓаат на садовата керамика.

Ова особено се однесува на доцното бронзено време, кога, освен садовите, пронајдени се дури 6 калапи за лиење на бронза, голем број на камено оружје и орудие, бронзено копје, бронзени игли, како и остатоци од ѕиден лепеж. Карактерот на наодите зборува за можна профана функција на дел од локалитетот, особено кон западната страна на Северната тераса и т.н. Акропола. Споредбено со останатите светилишта, особено со оние од Крит, бројот на фигурините откриени на Кокино е доста мал.

Помеѓу најстарите е секако фигурата на двоглавото зооморфно суштество на четири нозе – amphisbaena, кое има паралели со фигурите од Кукутени – Триполи културата, како и со скоро идентичните фигури откриени во доцноенеолитскиот слој на Јунаците.

ТУКА можете да го преземете комплетниот Каталог.